Граничните премини со Грција под „опсада“: Колони од Евзони до патарината, се чека со часови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Продолжениот викенд завршува со долги колони и повеќечасовно чекање на граничниот премин Евзони–Богородица, каде илјадници возила се враќаат од Грција кон Македонија, а за метежот придонесуваат и туристите од неколку други земји во регионот кои ја користат оваа рута.

Според повеќе сведоштва на патници објавени во текот на денот, на грчката страна се формирала километарска колона која на моменти се протегала речиси до патарината пред граничниот премин. Времето на чекање за излез од Грција и влез во Македонија во различни периоди било околу час и половина, а според најновите информации достигнувало и повеќе од два и пол часа.

Засилениот сообраќај е очекуван поради завршувањето на продолжениот викенд и враќањето на голем број македонски и други туристи кои празничните денови или одморите ги поминале во Грција.

Гужви биле регистрирани и на други гранични премини. Според објавените информации, зголемена фреквенција на возила имало на Табановце и Блаце, додека граѓани пријавувале колони и на Дојрани.

Од МВР информираа дека ги преземаат сите потребни мерки, со спроведување на задолжителните гранични проверки, а во функција се ставени сите човечки и технички капацитети за да се забрза протокот на патници. „На граничниот премин “Дојран” во изминатите 24 часа влез во државата оствариле 2876 македонски државјани, а излез оствариле 1181 македонски државјани. Што се однесува до странските државјани во истиот период влез во нашата држава оствариле 1593, а 908 лица ја напуштиле нашата држава“, велат од МВР.

За истиот временски период на преминот “Богородица” влегле 2040 македонски државјани, а излегле 3116 македонски државјани. Бројот на странските државјани кои влегле во земјава изнесува 7632 патници, a 4280 лица ја напуштиле нашата држава, информираат од МВР.

Најголемиот удар, сепак, е на јужната граница – возачите кои се враќаат од Грција се соочуваат со долги редици уште пред да стигнат до самиот Евзони. Ситуацијата се менуваше во текот на денот, а времето на чекање зависеше од моментот и интензитетот на сообраќајот.