ФЗОМ ги намали цените за ХПВ тестирање и ликвид ПАП цитологија, повеќе жени ќе добијат пристап до превентивни прегледи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) донесе одлука за значително намалување на референтните цени на услугите за ХПВ генотипизација и ликвид ПАП цитологија, со цел да се зголеми опфатот на жени со превентивни прегледи за рано откривање на рак на грлото на матката.

Од ФЗОМ информираат дека мерката веќе стапи во сила и треба да овозможи поголема достапност на современи дијагностички методи, како и намалување на финансискиот товар за осигурениците.

Референтната цена за ХПВ генотипизација е намалена од 5.500 на 3.310 денари, што претставува намалување од речиси 40 проценти. Истовремено, партиципацијата за пациентите се намалува од 550 на 350 денари.

Кај ликвид ПАП цитологијата, цената е намалена од 2.200 на 1.250 денари, односно за 43,2 проценти, додека партиципацијата се намалува од 250 на 150 денари. Цената на конвенционалниот ПАП тест останува непроменета и изнесува 600 денари.

Од Фондот посочуваат дека одлуката е донесена по анализа на фактурираните услуги во текот на 2025 година. Според проценките, со истите финансиски средства ќе може значително да се зголеми бројот на достапни тестирања.

Се очекува бројот на ХПВ тестови на годишно ниво да се зголеми од 13.466 на 22.375, што претставува раст од 66,2 проценти или речиси 9.000 дополнителни тестирања. Кај ликвид ПАП цитологијата, бројот на прегледи би пораснал од 2.427 на 4.271 годишно, односно за 76 проценти.

Генералниот директор на ФЗОМ, Сашо Клековски, истакна дека мерката ќе овозможи поголем број жени да добијат пристап до современи превентивни услуги, истовремено намалувајќи ги трошоците што ги плаќаат пациентите.

На денешниот брифинг беше најавена и измена на Шифарникот на лекови во делот на препаратите што ја содржат активната супстанција топирамат, која се користи за лекување на епилепсија и други невролошки заболувања.

Од 1 мај годинава од Шифарникот се избришани лековите „Епирамат“ од производителот Плива и „Тирамат“ од Белупо. За да се обезбеди непречена достапност на терапијата, во новиот шифарник ќе биде вклучен лекот „Тирамат“ од производителот Фармавита, кој е обезбеден преку интервентен увоз.

Од ФЗОМ уверуваат дека промените нема да влијаат врз достапноста на терапијата и дека пациентите кои го користат овој лек ќе продолжат непречено да ја добиваат потребната терапија.