Повеќе од 3 илјади случаи на злоупотреба на боледувања се евидентирани од Фондот за здравствено осигурување.
На брифинг со новинарите, директорот Златко Перински изјави дека најголемите прекршувања се регистрирани кај вработени во јавниот сектор, каде што предничат припадниците на армиските и полициските униформи.
Тој посочи дека во Министерството за внатрешни работи и Армијата има случаи кога вработени користат боледување повеќе од 5 години, додека најголемиот дел од злоупотребите се однесуваат на боледувања во траење од 1 до 3 години и од 3 до 5 години.
Перински изјави дека овие прекршувања ќе бидат пријавени во Обвинителството поради незаконско стекнување материјална корист.
Освен пациентите, под истрага ќе бидат и матичните лекари и специјалистите кои ги изготвувале медицинските извештаи. Но, според него, нема да бидат изоставени ниту членовите на комисиите на Фондот кои го одобруваат отсуството од работа, наводно поради различни здравствени причини.
