Галичица со успешна грижа за елените: популацијата зголемена на над 200 единки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Националниот парк Галичица објави фотографии од репродуктивниот центар за елени, откако видеото споделено пред неколку дена предизвика голем интерес и бројни реакции во јавноста. Од управата информираат дека грижата за елените е континуирана и организирана, со цел да се обезбедат нивната безбедност и благосостојба.

Како што посочуваат од паркот, ренџерот Лазе, заедно со неговите помошници Јане и Кире, секојдневно се на терен, каде што обезбедуваат храна и вода, вршат редовни контроли и се грижат за заштита на животните од евентуални закани. Дополнително, репродуктивниот центар е опремен со видео-надзор систем, кој овозможува постојано следење и навремена реакција.

Резултатите од ваквиот пристап се видливи, велат од Националниот парк. Популацијата на елени од околу 30 единки во 2019 година, денес е зголемена на над 200. Репродуктивниот центар е отворен во 2019 година со цел заштита и обновување на еленската популација, активно управување со високопланинските пасишта и долгорочно зачувување на биолошката разновидност.

Од Националниот парк Галичица и Министерството за животна средина и просторно планирање порачуваат дека ваквите активности придонесуваат за одржување на здрави екосистеми и рамнотежа во природата, истакнувајќи ја важноста од заедничка грижа за заштита на природното наследство.