Нема поделби меѓу членовите на фракцијата на ДУИ, тврди Висар Ганиу кој е дел од Огнената Група, откако деновиве се шпекулираше дека односите меѓу Изет Меџити и Блерим Беџети се во криза. Ганиу го негираше тоа велејќи дека колегите се на одмор и штом се вратат ќе седнат за да дебатираат за идните активности.
„Не, моментално нема никаква поделба. Дел од колегите се на одмор, мислам дека сега ќе се вратиме, ќе седнеме за да се координираме сите, но за таква поделба јас слушнав од медиумите. Внатре нема ништо такво“, вели Висар Ганиу.
Имајќи предвид дека Меџити пред неколку дека изјави дека со последните избори се исцрпени сите можности за делување во партијата и на маса е и опцијата за формирање на ново политичко движење, Ганиу не негираше таква можност, но додаде дека досега на оваа тема не се дебатирало.
„Немаме разговарано, ние секогаш се координираме на состаноците и максимално ги разгледуваме можностите за користење на сите ресурси во партијата. Со самиот факт што г. Меџити неколку пати истакна дека како ек-претседател на огранокот не бил поканет ниту известен дека ќе се одржи изборен процес. Но ние максимално ќе го користиме просторот, дали ќе можеме да делуваме во партијата, во моментот кога ќе ни се затвараат вратите ние ќе ги разгледаме другите опции како да делуваме“, додава Висар Ганиу.
Инаку Огнената група ги нарече нестатутарни последните избори во ДУИ. Причината, според нив, за тоа е дека претседателите на ограноците се избрани по диктат на претседателот на партијата, Али Ахмети. На местото на Меџити, како претседател на огранокот Чаир сега е Беким Незири.
