Ова се снимките што ги обезбеди Телевизија 21 за време на акцијата на УЈП, спроведена во текот на вчерашниот ден за контрола на таксистите во Тетово.
Во текот на денешниот ден, во Тетово речиси и да немаше возило со ознака TAXI. Сепак, такси-возилата работеа и слободно се движеа низ градот. Нашата екипа разговараше со неколку таксисти кои беа на терен, но тие изјавија дека немаат информации што се случува.
„Не знам ништо, не знам ништо, извини. Не знам што се случува.“
На прашањето дали се информирани дека Општината издава лиценца за вршење на оваа дејност, одговорите беа кратки.
„Не знам јас, јас сум почетник.“
Во моментов, на територијата на Општина Тетово се определени над 60 места за паркирање такси-возила. Но, зачудувачки, досега ниту еден индивидуален таксист или компанија нема поднесено барање до Општината за лиценца за законско вршење на оваа дејност.
„На територијата на Општина Тетово има вкупно 10 позиции за паркинг места градските таксисти. 10 позиции со по 6 паркинг-места, односно над 60 паркинг-места. За жал, во Секторот за комунални дејности нема пристигнато ниту едно барање за лиценцирање и законско работење, од ниту еден индивидуален таксист, ниту од такси-компаниите, така што Општина Тетово нема лиценцирано и нема издадено дозвола за такси-возила оваа година.“, вели Алби Ќамили.
Во врска со вчерашната акција, Телевизија 21 побара појаснување и од Управата за јавни приходи, но до завршувањето на ова издание на вестите не добивме одговор.
