Гаши даде отчет за две години работа: Поставивме стабилни темели врз кои можеме да продолжиме да градиме

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Африм Гаши го презентираше двегодишниот извештај за работата како претседател на Собранието, во перидот од мај 2024 до мај 2026 година.

На 160 страници се претставени резултатите од работата на Собранието во изминатите две години, преку податоци за одржаните пленарни седници, усвоените законски акти, пратеничките прашања, интерпелациите, јавните и надзорните расправи, координациите и претседателствата. Опфатени се и бројните билатерални и мултилатерални активности, официјални и работни посети, приеми и други форми на парламентарна дипломатија.

Зборувајќи за Извештајот, претседателот Гаши истакна дека тој претставува чин на одговорност, транспарентност и почит кон граѓаните. Зад секоја бројка стои вложен напор Собранието да стане потранспарентно, поотворено и поблиско до граѓаните. Добивањето јавна функција е сериозна обврска кон очекувањата и довербата од граѓаните, а секоја доверба бара искрена отчетност. Ова двогодишно патување не е по најлесниот, туку по вистинскиот пат. Демократијата не се гради за еден ден и никогаш не завршува како процес, рече Гаши.

„Во текот на овие две години, секое утро влегував во оваа институција со посветеност како тој ден да е мојата последна можност да направам нешто добро за неа, а секоја вечер размислував и планирав за неа како да ќе ѝ служам засекогаш.

Видовме краток преглед на нашата работа во овој период. Иако еден извештај може да сумира емпириски податоци, бројки и споредби, активности и резултати, зад секоја бројка стои секојдневен напор Собранието да биде пофункционално, поотворено и поблиску до граѓаните“, рече Гаши.

„Се разбира, две години не се доволни за да се исполнат сите цели. Пред нас има уште многу работа, уште многу реформи што треба да се продлабочат и уште многу очекувања на граѓаните што треба да се исполнат. Но, цврсто верувам дека поставивме стабилни темели врз кои можеме да продолжиме да градиме.

Во ова двегодишно патување, уште појасно разбрав дека институциите не можат да бидат зајакнати од поединец, туку од луѓе кои веруваат во својата мисија. Во најтешките моменти, кога одговорноста, притисокот и времето се бореа едни со други, сфатив дека нашата задача не е да го бараме најлесниот пат, туку вистинскиот пат. Не оној што му служи на моментот или на субјектот, туку оној што му служи на интересот на државата“, вели Гаши.