Во рамки на трибина организирана од Европското движење, претседателот на Собранието Африм Гаши порача дека државата е во трка со времето кога станува збор за членството во Европската Унија и дека постои ризик да се пропушти моментот за напредок.
Тој оцени дека нема корист од барање виновници за блокадата на евроинтеграциите, туку дека фокусот треба да биде на изнаоѓање решение и постигнување на целта – членство во ЕУ.
На настанот учествуваше и пратеникот Антонијо Милошоски, кој изнесе поинаков пристап, нагласувајќи дека е потребна претпазливост и јасна, кредибилна европска понуда пред да се прават понатамошни чекори.
Директорот за политики при Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“, Петер Хефеле, порача дека „прозорецот на можности“ за проширување нема да трае долго и дека политичките околности во Европа брзо се менуваат.
Амбасадорката на Германија Петра Дракслер истакна дека во Брисел се одвива процес поврзан со пристапувањето на Црна Гора и повика на обединување околу европската агенда и напуштање на наративот дека државата е постојано губитник во процесот на интеграција.
Претставникот на Делегацијата на ЕУ Стефен Худолин нагласи дека исполнувањето на реформската агенда и предвидените чекори може да направи значителна разлика во процесот на интеграција, додавајќи дека наскоро ќе биде објавена нова оценка на Европската комисија за реформскиот напредок.
Милошоски во своето излагање се осврна на различните пристапи во рамките на Европската Унија кон проширувањето, нагласувајќи дека постојат повеќе групи земји членки со различни визии – од целосна поддршка за проширување, до резервирани и незаинтересирани позиции.
Тој оцени дека ЕУ мора да понуди јасна и искрена перспектива, а не процес кој постојано се поместува, опишувајќи го проширувањето како „движечка мета“.
На крајот од дебатата, Милошоски и Филипче разменија спротивставени ставови за темпото на европската интеграција и потребните реформи, при што беа повторени ставови за важноста на уставните измени, реформите и довербата во институциите како клучни прашања за иднината на процесот.
