Гаши е убеден дека нема да има предвремени избори – за Изборниот законик и натаму нема договор и останува заглавен во Собранието

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Собранието Африм Гаши е убеден дека нема да има предвремени избори. Тој ова го истакна на редовниот неделен брифинг со новинарите и покрај тоа што деновиве оваа тема повторно се отвори на политичката сцена откако Бујар Османи од ДУИ изјави дека за ова се водат разговори со владејачката ВМРО-ДПМНЕ.  

-Според мене не треба да има избори и убеден сум дека нема да има предвремени парламентарни избори. Јас сум убеден од мое лично име но и од мојата политичка интуиција, вели претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче за предвремените избори го повтори ставот дека избори ќе има кога ќе нема пари во Буџетот. За тоа, пак, дали е подготвен да седне и да разговара за измените на Изборниот законик рече дека тоа ќе се случи кога ќе постои договор да нема промени на законот кои што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ.

-Нашите ставови се непроменети. Прво во однос на изборите како што кажав избори ќе има тогаш кога ќе снема пари во Буџетот. А во однос на Изборниот закон нашите позиции се кристално јасни и се непроменети. Прво да остане досегашниот начин на обележување на гласачкото ливче. И гласање на дијаспората односно промената на начинот на гласање на дијаспората да си остане како и досега во сите дипломатско конзуларни претставништва, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Премиерот Мицкоски вели дека за Изборниот законик ќе се разговара кога опозициските партии ќе седнат да се договорат за едно заедничко решение.

-Јас очекувам заеднички став така и ја завршивме онаа претходна, би рекол предизвикувачка состојба, заеднички став од здружената опозиција, Левица, СДСМ и Демократската Унија за Интеграција. Кога ќе имаат заеднички став како здружена опозиција ние сме подготвени да седнеме да разговараме и да најдеме заедничко решение, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Инаку, прашањето на Изборниот законик повторно го покренаа од Левица на денешниот координативен состанок со претседателот на Собранието Африм Гаши. Од оваа партија велат дека доколку има предвремени избори тие треба да се одржат со променет Изборен законик.  

-Една изборна единица е прашање потреба која се најавува од сите влади во Република Македонија наназад 10 години. Предложивме да се укине платеното политичко рекламирање затоа што постоечкиот систем навистина нефер ги распределува средствата од една страна, од друга страна се прави дополнителни енормни трошоци  на Буџетот на Република Македонија, вели Реџеп Исмаил од Левица.

Изборниот законик остана единствената неисполнета обврска од реформската агенда откако партиите од опозицијата не се согласија со предложениот текст на власта во кој беше вметнато гласањето на дијаспората да биде по електронски пат или по пошта, по што тој остана заглавен во Собранието.