Претседателката на Косово, Вјоса Османи му се заблагодари на спикерот Африм Гаши за укажаната помош. Тој вели дека ургирал за да се смират настанатите тензии на аеродромот, но од друга страна од Министерството за внатрешни работи соопштија дека токму обезбедувањето на Гаши туркало друг полициски службеник, кој работел на граничниот премин на аеродромот. Гаши вели дека треба да одговара секој што евентуално ги пречекорил своите овластувања.
„Моето обезбедување отишло да се смири ситуацијата и ако некој сака да смири нешто и ако некој сака од ова да гледа тенденција да направи инцидент, тоа е до тие луѓе“ , вели Африм Гаши.
Гаши не кажа дека лице од неговото обезбедување направило инцидент на аеродромот, наспроти она што го соопшти МВР. Според полицијата, нивниот припадник веќе е под истрага на Одделот за внатрешна контрола.
„Дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието Гаши (полициски службеник) со уште две лица (полициски службеници) и почнал да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој и направил проблем на претседателката. При тоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин. Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со ОЈО за ГОКК се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.“
„Н: Посоченото лице се уште работи кај Вас во обезбедувањето?
-Кое посочено лице?
Н: Тоа што било пријавено на аеродромот.
-Имате Вие сознанија?
Н: Од МВР велат дека имаат пријавено такво лице.
-Е па кое е тоа лице?
Н: Јас не го кажав со име, не знам. Само прашувам.
-Е па кога не знаете, зошто прашувате дека имало одредено лице? Значи, немало…“
Вчера од Собранието демантираа какво била вмешаност на членови на личното обезбедување на Африм Гаши во инцидент. Тие само биле присутни за да се смири ситуацијата настаната од, како што се додава, недоразбирањето меѓу обезбедувањето на претседателката на Република Косово Вјоса Османи и припадниците на аеродромското обезбедување.
