Гаши по повод 8-Ми Септември: Денес имаме држава во која успеавме да изградиме рамнотежа и хармонија меѓу различните народи што живеат во неа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Африм Гаши, претседателот на Собранието денеска одржа говор по повод 8-ми Септември, Денот на независноста на Македонија.

„Имам особена чест да ве поздравам во Собранието, во нашиот дом и домот на сите граѓани, по повод 8 Септември – Денот на независноста. Притоа дозволете ми во мое лично име и во името на пратениците на Собранието, да ви ја честитам 34-годишнина на нашата независна држава.

Кога зборуваме за независноста на државата, природно ни изгледа како да ја допираме историјата, а сите добро знаеме дека историјата на нашата држава не беше ниту лесна ниту многу пријатна. Имаше моменти кога дури и соживотот беше изложен на искушенија и успеавме, но имаше и моменти кога заедно знаевме да освојуваме победи. А денес, пред сè, се радуваме бидејќи овој ден нè наоѓа обединети во мир.

Сепак, независноста е само почеток, таа е темелот врз кој треба да го изградиме нашиот заеднички дом. А овој дом има потреба од секојдневна грижа за зајакнување на демократијата, справување со корупцијата, воспоставување меритократија и правда, зголемување на благосостојбата на нашите граѓани и зајакнување на правната држава и духот на солидарноста.

Денес имаме држава во која успеавме да изградиме рамнотежа и хармонија меѓу различните народи што живеат во неа и која е пример на зрелост во зачувување на добрососедските односи, но и стабилен сојузник на НАТО и достоен кандидат за полноправно членство во Европската Унија.

Главната порака што сакам да ја упатам на оваа годишнина од независноста е сплотеноста. Ние, како млада држава, имаме потреба од многу нешта, но мислам дека пред сè и најмногу ни е потребна сплотеноста. Не униформна и површна, туку суштинска сплотеност, што ги почитува разликите и истите ги претвора во богатство, а не во поделба. Секој од нас треба да почувствува одговорност да не поттикнува поделби, туку да гради мостови, да не ја користи разликата како ѕид, туку како прозорец преку кој ќе се гледаме поблиску еден со друг.

По 34 години државност, време е Северна Македонија да се издигне на нивото што го заслужува. Можеби, по големина, сме мала држава, но сме голема по можности, аспирации и амбиции. Ние сме центарот на Балканот и време е овој центар да зрачи со стабилност, култура, знаење и вредности, како што зрачеше и во нашето богато минато, значајно и за нас и за целата човечка цивилизација.

Почитувани присутни, драги граѓани,

Независноста не е подарок – таа е завет. Завет од минатото, обврска за сегашноста и патоказ за иднината. Таа е завет оваа земја да биде наш заеднички дом, татковина на сите нејзини луѓе без поделби и без исклучоци. Таа е завет за разликите да не нè разделуваат, туку да нè зближуваат, да нè збогатуваат, да нè прават посилни.

Овој завет нè обединува денес и ќе нè води и утре кон поголема слобода, кон правда и кон заедничка иднина во која секој човек ќе се чувствува свој на своето. Токму како што рекол претседателот Абрахам Линколн: „Најдобриот начин да ја предвидиме иднината е сами да ја создадеме.“ И така ќе направиме, ќе ја создадеме заедно“, рече Гаши.