Спикерот Африм Гаши ќе настојува во иднина да не се испраќаат предлог закони во Собранието по скратена постапка. Коментирајќи го новиот Извештај на Европската Комисија за напредокот, тој вели дека во однос на работата на Собранието нотирано е дека веќе не се злоупотребувало европското знаменце, но пак често се користела скратената постапка. Гаши се осврна и на делот во кој Брисел повторува дека уставните измени се услов за отворање на поглавјата. Според него, за ова треба да се постигне политичка волја, додавајќи дека тој нема да почне процес на промена на Уставот во Собранието ако не е сигурен во исходот.
„Се надеваме дека што побргу ќе дојдеме до тој политички договор за да се отпочне тој процес. Јас би сакал тоа да биде што побрзо, затоа што навистина мислам дека е од стратешко значење и од битно значење да ги започнеме преговорите што побргу и да станеме полноправна членка на Европската Унија“, вели Африм Гаши.
Од друга страна, опозицијата смета дека власта тактизира со процесот на уставните измени поради локалните избори. Функционерот на СДСМ, Фатмир Битиќи во гостување во „Дејли клик“ на ТВ21 вели дека очекува уставни измени во декември, но 2025-тата, иако претходно министерот од редовите на ВРЕДИ, Арбен Таравари изрази оптимизам дека тие може да се факт до крајот на годинава.
Фатмир Битиќи: „Ако актуелната власт стигне да ја промени преговарачката рамка, Договорот за добрососедство, на начинот на којшто тие претендираат, бујрум, нека направат, ќе ги поддржиме“
-До крајот на декември очекувате да има движење во оваа насока?
Фатмир Битиќи: Не верувам. Во декември 2025-та можеби да.
-Следната година?!
Фатмир Битиќи: Да, бидејќи мислам дека ќе има повеќе политички калкулации. Следната година ќе имаме избори, за кои имам лични причини да верувам, да проценам, дека сѐ што се прави е во функција на локалните избори.“
Министерот Таравари неодамна нагласи дека ако не се промени Уставот до локалните избори тоа може лошо да се одрази на резултатот на ВРЕДИ на изборите за градоначалник.
