Германија вели дека повлекувањето на американските трупи било предвидливо

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Германскиот министер за одбрана изјави дека одлуката на САД да повлечат 5.000 војници од неговата земја била „предвидлива“, додека воената алијанса НАТО соопшти дека бара појаснувања од Вашингтон.

Говорејќи за новинската агенција ДПА, Борис Писториус исто така нагласи дека „присуството на американските војници во Европа, а особено во Германија, е во наш интерес и во интерес на САД“.

Во меѓувреме, портпаролката на НАТО, Алисон Харт, изјави дека алијансата „работи со САД за да ги разбере деталите од нивната одлука“.

Кога во саботата вечерта беше прашан за повлекувањето на трупите, Доналд Трамп рече: „Значително ќе го намалиме бројот и ќе направиме многу поголеми кратења од 5.000.“ Тој не даде повеќе детали.

Потегот на Вашингтон доаѓа откако Трамп го критикуваше германскиот канцелар Фридрих Мерц за неговата изјава дека САД биле „понижени“ од иранските преговарачи во тековната војна.

Американското воено присуство во Германија, кое моментално брои повеќе од 36.000 активни војници, е најголемо во Европа, во споредба со околу 12.000 во Италија и 10.000 во Обединетото Кралство.

Трамп исто така предложи повлекување на американските трупи од Италија и Шпанија.

Минатата година Вашингтон одлучи да го намали присуството на своите трупи во Романија, како дел од планот на Трамп да го пренасочи фокусот на американскиот воен ангажман од Европа кон Индо-Пацифичкиот регион.

Сега расте загриженоста во рамките на 32-члената алијанса НАТО дека најновата одлука на САД може да ја ослабне организацијата.