Во Германија има се повеќе градови кои се залагаат за воведување радикални ограничувања на брзината.
Веќе во 2021 година во Франција беше покрената иницијатива за намалување на ограничувањето на брзината во градовите од 50 на 30 km/h. Слична иницијатива постои и во Германија, а беше покрената во 2021 година од некои германски градови, како што се Аугсбург, Улм, Хановер, Лајпциг и Фрајбург.
Минатата пролет и Берлин се приклучи на иницијативата. Сега речиси секој работен ден по една општина се приклучува на проектот, изјави за Зидојче цајтунг член на иницијативата „Градови за живеење“. Вкупно, повеќе од 350 градови, општини и области досега се приклучија на иницијативата.
Членовите на иницијативата се жалат дека до сега во Сојузното министерство за транспорт во Берлин немало волја, или подобро кажано, слух за оваа проблематика, но се надеваат дека со поголем притисок од јавноста годинава оваа состојба ќе се промени.
Грац прв во Европа
Првите градски зони со ограничување на брзината од 30 km/h беа воведени во Цирих во 1991 година, додека Грац беше првиот град кој воведе ограничување на брзината од 30 km/h во целото градско подрачје, освен за главните патишта. Со воведувањето рестрикции на околу 80 отсто од градските патишта во Грац, забележано е намалување на бројот на сообраќајни несреќи, а популарноста на возењето велосипед драстично се зголеми.