Дури 17 лица завршиле во полициска станица во изминатото деноноќие поради опасно и несовесно однесување во сообраќајот. Меѓу нив има возачи кои управувале без положен возачки испит, под дејство на алкохол, но и лица кои возеле и покрај активна забрана.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на територијата на целата држава биле лишени од слобода 17 лица, додека со едно лице бил извршен службен разговор, поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ од член 297-а од Кривичниот законик.
Десетмина од приведените управувале возило без претходно да положат возачки испит. Меѓу нив има и 19-годишник од Скопје кој управувал мотоцикл.
Особено загрижувачки е случајот во Виница, каде што 14-годишен малолетник, пред да се стекне со законско право за управување, изгубил контрола над мопедот и паднал. Службен разговор бил извршен и со 19-годишен велешанец кој учествувал во сообраќајна незгода со мотоцикл без регистарски ознаки и уште две возила, иако немал положен возачки испит.
Пет лица биле затекнати како управуваат возило под дејство на алкохол. Највисока концентрација била измерена кај еден возач – дури 3,35 промили алкохол во крвта. Кај останатите биле измерени 2,92, 2,17, 1,68, 1,60 и 1,55 промили.
Дополнително, двајца возачи управувале возило и покрај тоа што имале активна забрана за управување со моторно возило.
Од МВР посочуваат дека по целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни кривични пријави.
Од полицијата повторно апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила, да не седнуваат зад волан без положен возачки испит, под дејство на алкохол или за време на изречена забрана. Посебен апел е упатен и до родителите да не им дозволуваат на малолетниците да управуваат моторни возила пред да го стекнат законското право за тоа.
