До крајот на септември би требало да пристигне техничката опрема за спроведување на локалните избори со отпечаток од прст. Државната изборна комисија ја избра германската компанија Дермалог на тендерот за набавка. Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски рече дека компанијата имала најдобра понуда, ги исполнила условите и дека имала најдобри апарати.
„Компанијата се вика „Дермалог“ од Германија, значи германска компанија и сега трае рокот за жалба, што трае десет дена. До завршување на тој рок, продолжува постапката. Се надевам дека ќе заврши и тоа како што треба, бидејќи тоа не е во наша надлежност и дека сме еден чекор поблиску до остваруање на нашето мото еден гласач еден глас“, истакна Александар Даштевски.
Но дали на овој начин ќе бидат заштитени личните податоци на гласачите? Даштевски вели дека податоците ќе бидат внесени од МВР.
„Податоците ќе се внесат од страна на МВР и после ќе се вратат назад така што не можат да бидат злоупотребени бидејќи ние не купуваме компанија, купуваме опрема. Опремата е во наша сопственост“, додава Даштевски.
Инаку рокот за достава на техничката опрема е 60 дена. Во земјава најпрвен треба да пристигнат 200 апарати со кои ќе се направи и обука на членовите од Државната изборна комисија.
„Испораката ќе биде на два пати. Првиот пат ќе биде околу пет отсто, некаде околу 200 апарати и ќе биде извршена обуката. И после тоа остатокот само да се наполни, за што ќе треба неколку дена. Повторно не би зборувал зошто не е завршена постапката“, порача Александар Даштевски
Локалните избори во земјата е предвидено да се одржат во втората половина на октомври. ДИК веќе изготви стратегија во која се предвидени преземање на сите мерки за заштита од пад на системот, како на минатите предвремени парламентарни избори.
