Гевгелија доби реконструирано повеќенаменско игралиште – до наредната година Видеолотарија ќе реконструира уште пет

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Под слоганот „Играј со шампионите“, со донација од над три милиони денари, Видеолотарија Касинос Австрија денеска во Гевгелија го пушти во употреба третото игралиште од проектот за изградба на повеќенаменски спортски игралишта низ целата земја. Од Видеолотарија велат дека игралиштата се дел од компаниската стратегија за повеќегодишно вложување во спортот со цел постигнување на врвни спортски достигнувања и мотивирање на младите активно да се посветат на спортот.

„Затоа што сметаме дека тоа е инвестиција во нашите млади во нашата иднина, затоа што сите ние треба да го негуваме спорсткиот дух, а без средства кои што ќе може да им овозможат на децата да играат на вистински терени не можеме да го негуваме тој спортски дух, токму и затоа сметаме дека на овој начин ќе обезбедиме се што е потребно за да тие добијат услови на кои што ќе може да тренираат и да го градат сето она што им е потребно како вештини за спортување“, вели Вики Чадиковска.

Игралиштето во употреба го пушти професионалниот рели возач Игор Стефановски Иџе кој е бренд амбасадор на Видеолотарија Касинос Австрија.

„Се надевам дека младите од овој град ќе го користат овој терен и се надевам дека некој од нив ќе излезе шампион во иднина. Без вложување во спортот не би можеле да очекуваме резултати. Јас како спортист знам што точно значи вложување во спортот и се надевам дека и другите компании ќе го следат делот на Видеолотарија за вложување во спортот“, посочи Игор Стефановски Иџе. 

Градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов вели дека вложувањето во спортот е еден од приоритетите на локалната самоуправа.

„Ова игралиште има историја. Како за информација јас како помлад спортски работник тука на ова игралиште 10 години организирав баскет во турнир и секогаш беше исполнето. Се собираа и по илјада луѓе. Сега со реконструкцијата бидејќи кошаркарско игралиште направивме ново со пластична платформа, овде ќе биде повеќе намената за фудбал особено за помладите ќе се организираат турнири во мал фудбал и верувам дека ќе биде цело време исполнето со публика“, додаде Андон Сарамандов.

Од Видеолотарија најавија дека до крајот на годината ќе биде отворено уште едно реконструирано мултифункционално игралиште во општина Липково, а за наредната година се планирани уште четири. Од таму велат дека на ваков начин придонесуваат во развојот на спортскиот дух кај младите и градењето здрави навики преку забава и игра.