Кафе барови, ноќни клубови, казина, кладилници! Рации на над 60 локации, апсења и затворени локали

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Над 60 локации низ Македонија биле опфатени со координирана полициска и инспекциска акција во текот на вчерашниот ден и доцна во ноќта. При контролите, според неофицијалните информации на ТВ21, биле откриени повеќе неправилности, изречени глоби, издадени забрани за работа, а дел од објектите биле затворени.

Во акцијата учествувале Одделот за криминалистичка полиција при Министерството за внатрешни работи, сите сектори за внатрешни работи и повеќе инспекциски служби. Контролите биле спроведени во кафе-барови, ноќни клубови, казина, обложувалници и други објекти.

Според нашите сознанија, инспекциските служби констатирале неправилности поврзани со противпожарната заштита, како и блокирани влезови и излези во одредени објекти.

При контролите биле затекнати и малолетни лица на кои, според информациите, им бил послужен алкохол. Дополнително, бил откриен и објект во кој наводно се организирало нелегално онлајн обложување.

Во рамки на акцијата биле извршени и претреси, а повеќе лица биле уапсени. Засега нема официјални детали за бројот на приведените, локациите на кои биле спроведени претресите и конкретните прекршоци и кривични дела што се утврдуваат.

Акцијата следува по координираните активности во изминатите два дена насочени кон сузбивање на недозволената трговија со дрога и оружје.

Повеќе официјални информации за спроведените контроли и резултатите од акцијата се очекуваат од Министерството за внатрешни работи во текот на денот.