Гласаат болните и изнемоштени лица – Штип и Пласница бираат градоначалници со мандат од 9 месеци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Рентгенолошкиот технолог Ванчо Берков е вклучен во справувањето со коронавирус, но овојпат скафандерот, маската, визирот и нараквици ги облече како претседател на избирачкиот одбор кој им овозможува на ковид позитивните да го искористат своето право на глас.

„Претседател сум на избирачкиот одбор кои треба да го извршат гласањето на ковид позитивните во нивните домови. Имајќи го во предвид и нашето искуство од секојдневната работа ќе помине се во најдобар ред.“, рече Берков.

Во Штип од активни 489 лица со коронавирус, сите 12 пријавени го искористиле своето право на глас.

За гласање во казнено поправните установи низ Македонија пријавени се 67 гласачи од Штип и 1 од општина Пласница. Денеска гласаат и болните и немоќни.

„Во своите домови гласачкото право ќе го остварат 142 гласачи кои се пријавиле како болни или немоќни, и тоа 66 глсачи во општина Штип и 76 гласачи во општина Пласница. Денеска се спроведува гласање во еден центар за вонсемејна грижа каде што се сместени 2 гласачи кои се од општина Штип.“, велат од ДИК.

Гласам редовно вели Стојна Здаравевска од штипската населба Македонка. Додека можела гласала со физичко присуство, во училиштето. Сега, како што вели, поради здравствени причини гласа од дома.

„Кој и да биде градоначалник, само добро да биде. Да ми даде вид, ама нема…“, вели Здравевска.

Утре е главниот изборен ден. Од Општинската изборна комисија велат дека се е подготвено.

„Слободно можам да кажам дека дезинфекција се врши пред почеток и по завршување на избирачкиот процес така што ние се придржуваме до медицинските проткоколи и заштитната опрема, визири, маски, гумени ракавици, средства за дезинфекција, се она што треба. Останува само граѓаните да излезат и да го дадат своето право на глас.“, вели Сенка Андреева, претседател на ОИК Штип.

Во општина Штип право на глас имаат 41.777 лица, а граѓаните својот глас може да го дадат за еден од петте кандидати. Во Општина Пласница, право на глас имаат 4.954 граѓани, а својот глас може да го дадат за еден од вкупно двајцата кандидати.

Доколку има втор круг на гласање, тој ќе се одржи на 27-ми декември, четири дена пред Нова година.