„Гнездото“ на Шкендија во мизерна состојба – Тетово „плаче“ за стадион, Касами вели дека ќе се реновира годинава

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тетово и натаму останува без стадион кој ги исполнува потребните стандарди. „Гнездото“ на ФК Шкендија и натаму е во мизерна состојба. Градоначалникот на Тетово, Билал Касами ја повтори истата изјава од пред една година – дека реконструкцијата ќе почне во текот на годината.

„Разговараме, сега тоа што е јасно е во врска со договорот меѓу општината и концесионерот, во овој случај Еколог. Начелно се согласивме како понатаму да ги продолжиме разговорите но секако се дебатира и за правните можности и концесионерот ги разгледува правните можности кои ги понудивме ние како општина Тетово и во моментот кога ќе имаме нешто конкретно ќе излеземе пред јавноста со решението кое ќе го нудиме за стадионот, но и за Шкендија како најважен тим за Тетово и тетовци. Се очекува за неколку месеци да имаме конечен договор и работите да почнат во текот на годината“, додаде Биљал Касами.

Касами и пред една година ја даде истата изјава.

„Знаеме дека има договор со приватна компанија за реновирање, уредување и менаџирање на одреден период на стадионот. Компанијата имаше неколку сомнежи што се однесува до работите кои требаше да ги заврши општината и не ги направила. Во координација сме за да се завршат тие работи и убеден сум дека во текот на 2022 ќе почне реконструкцијата на стадионот“, посочи Биљал Касами.

Веќе неколку години се ветува дека тетовскиот стадион ќе биде реновиран, но досега е уреден само теренот и осветлувањето.

Инаку поради неисполнување на условите, тетовската Шкендија секогаш е обврзана меѓународните натпревари да ги игра во Скопје.