Го преживеа скопскиот земјотрес, но не и „Скопје 2014“ – зградата на ЕСМ 9 години грдотија во срцето на Скопје

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Зградата на ЕСМ на плоштадот Македонија во Скопје е првата со целосно стаклена фасада подигната во 1962 година. Без проблем го преживеала скопскиот земјотрес, но се уште се мачи да го преживее „Скопје 2014“.

Која е нејзината историја?

  • 2013. ЕВН и ЕСМ договор со Бетон
  • 2016. По пожар, градежните работи се во застој
  • 2018. Раскинување на договорот со Бетон
  • 2020. ЕСМ го откупува делот на ЕВН

Во 2013. ЕВН и ЕСМ склучуваат договор со Бетон за реконструкција и доградба на фасада за 4,3 милиони евра.

2016. по пожар, градежните работи се во застој.

Две години подоцна. Претходно склучениот договор, ЕСМ го раскинува. Се бара правен модел за објаснување за раскинувањето со цел, ЕСМ да не плаќа пенали.

2020. По наредба на Влада, ЕСМ го откупува преостанатиот дел кој е во сопственост на ЕВН за 2,3 милиони евра.

Во меѓувреме, ЕСМ ја разгледува можноста за да се пресели во зградата, а постоечката да ја преземе друга институција, но ништо од тоа не вроди со плод.

„Настанатите измени во градба на новата зграда кои не биле навремено обезбедени со писмени дозволи од Министерството за транспорт и врски, довеле до тоа зградата да не може да добие употребна дозвола и да не може да се изврши технички прием. Од тие причини, АД ЕСМ е изложен и на трошок од инвестицијата во нова зграда која не може да ја користи, како и нејзиното тековно одржување, но и на трошок за санирање и уредување на старата зграда во која нема соодветни услови за работа внатре, ниту соодветна фасада и изглед од надвор“, велат од ЕСМ за ТВ21.

Ковид пандемијата и економската криза сега се само причина плус, грдотијата да ја гледаме уште некое време во срцето на Скопје. Трошоците на ЕСМ се скратени за сите проекти кои не беа поврзани со производство на електрична енергија.

„Веруваме дека по завршувањето на кризата, во која АД ЕСМ доби и дополнителни обврски со менаџирање и на парното греење во Скопје, брзо ќе го вратиме во фокусот прашањето кое се однесува на фасадата на зградата на плоштадот“, велат од ЕСМ за ТВ21.

Ваквата слика на зградата веќе 9 години е „добредојде“ за сите туристи. Оваа зграда беше еден од најзначајните објекти на модерната архитектура од 1960-тите и 1970-тите години. Уништувањето започна во 2013 година, кога тогашниот премиер Никола Груевски бараше и таа да биде дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“ и со тоа зградата да добие нова фасада барок од стиропор од 4,3 милиони евра. Последното реновирање на фасадата е во 2000 година и тогаш е додадено стаклото и е полиран мермерот.