Година на блокади, избори, турбуленции… – Што се случуваше во 2021 на политичката сцена?!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Година на неизвесности, блокади, очекувања , но и година на избори, локални, кои сепак предизвикаа големи политички турбуленции. Ова е сликата на македонската политичка сцена во измината 2021 година. Продолжија блокадите на нашите евроинтеграциски процеси од страна на Бугарија и покрај тоа што постојано се вложуваа напори  за постигнување договор и со тоа и почеток на преговорите со Европската унија. Дополнителен проблем беше тоа што Бугарија имаше три изборни циклуси а со тоа немаше и политичка влада. Сепак очекувањата ни останаа исти, а единствено се менуваа претседавачите со Унијата кои не убедуваа дека ќе сторат се за да ги почнеме преговорите во нивниот 6-месечен мандат.

„Имам чувство дека на 22 јуни нема да се реши проблемот, затоа што Бугарија има техничка влада и нема парламент. Но, не е невозможно да се реши проблемот. Зошто го кажувам ова? За да не ги дигнам очекувањата на сите, заради тоа што реалност е во Бугарија дека на 11 јули ќе имаат избори“, посочи Зоран Заев.

И на домашен план ништо ново. Собранието со нервозни и на моменти тензични седници, а власта и опозицијата си префрлаат кој прави театар од законодавниот дом.

„Претседателе после целиов ден што го направивте морам да ви кажам дека треба да престанете да правите театар од Собранието. Треба да престанете да ја девалвирате вредноста на институцијата Собрание и на пратениците во ова Собрание“, посочи Никола Мицевски.

„Ма сто саати ќе зборам…. па три месеци ме држите овде. Да да, збори колку сакаш. Цел ден ми тупите овде со медиумите. Цел ден тупите со медиумите Талат, Талат, Талат, еве ви го Талат овде. `101 пратеник сте потпишани, сите патни трошкови ќе земате. Влезете овде да се донесат законите“, вели Талат Џафери.

Во септември беше спроведен пописот, а веднаш по него се одржаа и локалните избори од кои натаму се случуваа низа пресврти. Со хазардерската најава дека во вториот круг оди all in, Зоран Заев најави дека доколку не го добие Скопје ќе си замине од сите функции. Не само што го загуби Скопје, туку и целосно лошиот резултат беше причина за неговата  оставката не само на лидерската позиција на СДСМ туку и на премиерската функција. И додека на Бихаќка се даваше оставката, од белата палата на ВМРО-ДПМНЕ се слушаше огномет од прославата од изборниот резултат.

„Јас ја преземам одговорноста врз себе за лошите резултати од овие избори за сите нас прогресивните сили за да можат токму тие прогресивни сили да опстојат и да продолжат да се борат за прогресот за Северна Македонија. Оставката ја поднесувам и од премиер и од претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, посочи Зоран Заев.

„Тоа е и мојот совет до него и тоа е она што го очекува македонскиот народ, односно граѓаните на Република Македонија. Ова да биде практично негово заминување од политиката. Не затоа што Христијан сака или затоа што било кој од нас тука во ВМРО-ДПМНЕ или во опозицијата сака. Народот испрати јасна порака“, порача Христијан Мицкоски.

Потоа и Беса најави дека ја напушта Владата, по, кое ВМРО-ДПМНЕ ја објави сликата на новото парламентарно мнозинство кое го најавуваше цела година. Во неа покрај Беса, Алтернатива и Алијанса за Албанците беше и Левица. Мицкоски го објави новото мнозинство со што беше закажана и седница на Собранието за гласање недоверба на Владата. Но и тука се случи пресврт. Пратеникот на Беса Кастриот Реџепи не дојде и со тоа падна и мнозинството на опозицијата која не успеа да ја сруши Владата.

„Го повикувам потпретседателот на Собранието да продолжи со седницата. Ве повикав да дојдете па ќе дадете процедурално, повелете. 10 минути пауза да дојде потпретседателот на Собранието. Ќе добиете процедурално од потпретседателот, никој ништо нема…. 10 минути пауза додека дојде потпретседателот. Имајќи предвид дека јас не сум поддржувач на иницијативата и нема да бидам 61-от тука“, вели Талат Џафери.

Зацврснувањето на мнозинството на власта со пратениците на Алтернатива му отвори пат на Заев да ги реализира оставките. Најпрво онаа на лидерската позицијата на СДСМ. Беше избран Димитар Ковачевски. Потоа следуваше и оставката од премиерската функција . Додека Талат Џафери ја констатираше оставката, опозицијата аплаудираше. Џафери не можеше да ги смири.

„Констатирам дека врз основа на член 220 од Деловникот на Собранието на претседателот на Владата и на Владата им престанува мандатот. Очигледно она што не ви успеа тогаш со 61 глас сега аплаудирате за она што даде оставка“, порача Талат Џафери.

Ковачевски по ова стана и мандатар за состав на новата влада, кој го доби од шефот на државата Стево Пендаровски.

„За мандатар за состав на Владата го определувам господинот Димитар Ковачевски претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, вели Стево Пендаровски.

„Од денес започнувам со формирањето на новиот тим луѓе кои треба да одговорат на сериозните предизвици кои не чекаат веќе од почетокот на следната година“, додаде Димитар Ковачевски.

Новата 2022 година ја почнуваме и со нова влада, која, како што најави претседателот на парламентот Талат Џафери,  се очекува да биде изгласана на 16 јануари.