Година на мали успеси и многу падови – Европската Унија остана неисполнета желба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Година на мали успеси, но многу падови и се разбира како и скоро секоја, година на избори. Ова е политичката слика за Македонија во изминативе 366 дена, од престапната 2020 година. Во првите денови следуваше оставка на премиерот Заев и формирањето техничка влада за спроведување на предвремените парламентарни избори кои требаше да се одржат во април. На нејзино чело во предвидените 100 дена беше назначен Оливер Спасовски.

„Одговорноста за спроведување беспрекорни избори сега е подеднакво и ваша. Сите сме дел од институциите, институциите мора да функционираат и да испорачаат совршени, слободни, фер и демократски избори и ни милиметар помалку од тоа“, истакна Оливер Спасовски.  

Но, состојбата со корона вирусот, ги седна политичките партии на заедничка маса кај претседателот на државата Стево Пендаровски и изборите се одложија само еден месец пред закажаниот датум. И годината што измина беше во целосна доминација на корона вирусот и пандемијата со која ја поминавме целата година, а неколку месеци во карантинско живеење и вонредна состојба. Во февруари ни стигна и новата методологија за почеток на преговорите која ја претстави лично еврокомесарот Оливер Вархеи.

„Не го кријам фактот дека едно од потешките прашања кога го составувавме пакетот беше дека е кристално јасно кај јавното мислење и кај земјите членки има цврсто јадро кое бара да бидеме во можност исто така да ги вратиме преговорите кога нема напредок, или кога има уназадување“, посочи Оливер Вархеј.

„Изјавата на комесарот беше јасна дека било која мерка ќе биде пропорционална на степенот на застој односно на враќање назад“, порача Бујар Османи.

Но и покрај пандемиската криза и тоа што поради новата методологија не ги почнавме преговорите, сепак имавме една добра вест, Република Македонија стана 30-та земја членка на НАТО.  Знамето на Македонија се крена пред седиштето на Алијансата заедно со сите други членки.

„Триесет знамиња сега ќе се веат заедно,симбол на нашето единство и солидарност. Ова е историски момент за Северна Македонија. Доаѓа после години на посветеност и заложба за реформите. Ние сме сите побезбедни и посилни заедно отколку сами. Затоа добредојдовте во НАТО“, вели Јенс Столтенберг.

„Во претстојниот период не очекува макотрпна работа. Ќе мораме да направиме длабока трансформација на нашето општество и да ги постигнеме стандардите потребни за членство“, вели Стево Пендаровски.

„Влеговме под чадорот на колективната безбедност кој штити милијарда луѓе во светот. Денешниов ден го чекавме речиси 30 години“, рече Радмила Шекеринска.

Затишјето на политичката сцена траеше се додека не се одлучи дека изборите ќе се одржат на 15 јули. Партиите влегоа во политичка кампања, но за прв пат со протоколи за заштита од корона вирусот. Некој ги почитуваше некој не, но единствено реториката не меѓусебно оцрнување остана. ДУИ излезе со идејата за Албанец премиер.

„Оваа кампања нема да биде вообичаена, но ќе биде Движење за Првиот Премиер Албанец, и поради тоа нашата организација ќе служи како платформа, и затоа ги повикува сите граѓани Албанци и другите да му се придружат на ова движење и да го поддржат со идеи и придонес“, додаде Артан Груби. 

„Мои сограѓани, дозволете ми да ја отворам првата седница на Владата на Република Северна Македонија“, вели Насер Зибери.

Изборите завршија со победа на СДСМ, но и со сомнителен хакерски напад на системот на Државната изборна комисија, со што не можеше да се следат првичните неофицијални резултати, за што МВР отвори истрага. Следуваа и жалбите на партиите за изборните резултати, но тие не беа прифатени. Конститутивната седница на новиот парламентарен состав се одржа на 4 август, а потоа беше изгласана и новата влада на чие чело повторно дојде Заев. Повторно вети подобра економија, правна држава и Европска унија.

„Успешно и ефикасно справување со светската пандемија со Ковид 19 на наше македонско тло, нова енергија и решителност во создавањето подинамичен економски раст, одржлив развој, силни институции со ред, правда, ефикасна правна држава и владеење на правото, модерно образование, внатрешна кохезија, активно членство во НАТО, силна волја за успешен почеток и завршница на преговорите по поглавје за членство во Европската унија“, порача Зоран Заев.

Европската унија односно почетокот на преговорите сепак беше попречен од Бугарија. Следуваа мачни преговори со источниот сосед, кој со своите барања изнесени во фамозниот меморандум, се негираше македонскиот јазик и нација. Но најголемиот потрес кај домашната јавност предизвика контроверзното интервју на Заев за бугарската агенција БГНЕС. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски повика на протести и најави дека ќе бара доверба на Владата.

„Јас се сеќавам на свиждањето, јас сум од Струмица. Тоа со Петрич што сме го правеле, знаете како струмичани и петричани исти јазик зборуваат толку сме блиски. И сега тоа е македонскиот или бугарскиот јазик, каков е. Толку сме блиски како луѓе“, посочи Зоран Заев.

Но ниту ова интервју не ги омекна ставовите и постојаните напади од бугарска страна, дека во Македонија има говор на омраза иако навреди постојано пристигнуваа од државниот врв на источниот сосед.

„По стар бугарски обичај, нели знаете, на Бугаринот секогаш акалот му доаѓа следниот ден. Така и со колегата Заев“, рече Красимир Каракачанов.

Во преговорите се вклучи и специјалниот претставник Владо Бучковски. Но, како и што се очекуваше по сигналите и најавите кои доаѓаа, од Бугарија добивме вето. За ова шефицата на дипломатијата Захариева не убедуваше дека тоа вето не е вето.

„Сакам да подвлечам дека тоа неправилно се нарекува вето, туку тоа е неодобрување на преговарачката рамка“, истакна Екатерина Захариева.

И покрај напорите на Германија како претседавач со Унијата, Македонија на крајот на годинава повторно остана пред вратите на Европската унија.