Голем пожар на Јужен булевар во Скопје, пожарникарите интервенираат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Голем пожар избувна попладнево во магацински или друг објект на Јужен булевар во скопската општина Кисела Вода, по што на терен веднаш беа испратени екипи на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје.

Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека пожарникарите веќе интервенираат со цел локализирање и гаснење на огнената стихија.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека од запалениот објект се слушале пукотници, кои, според првичните информации, најверојатно се предизвикани од електричната инсталација.

„Од запалениот објект се слушаа пукотници, најверојатно од електрична енергија. Црниот чад се гледа од далеку“, изјави Ангелов.

Густ црн чад се издига над местото на пожарот и е видлив од повеќе делови на Скопје.

Засега нема информации за повредени лица, ниту за причините за избувнувањето на пожарот. Надлежните служби се на терен и работат на целосно локализирање на огнот, по што се очекуваат повеќе детали за настанот.