Голем пожар во трговски центар во Карачи: 23 мртви, повеќе од 40 исчезнати

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бројот на жртви од пожарот во трговски центар во Карачи се искачи на 23, а десетици се уште се водат како исчезнати, соопшти пакистанската полиција. Пожарникарите го изгаснаа пожарот доцна во неделата, речиси 24 часа откако избувна.

Пожарот избувна во саботата во повеќекатниот трговски центар со 1.200 продавници, што е поголемо од фудбалско игралиште.

Пламените гореа повеќе од 24 часа пред да бидат во голема мера ставени под контрола, иако официјалните лица изјавија дека мали жаришта на пожар останале во урнатините, објави Ројтерс.

Тие денес почнаа да ја ладат структурата и да отстрануваат извиткан метал и предмети расфрлани по улицата, вклучувајќи паднати клима уреди и знаци на продавници.

Поголемиот дел од зградата се урна до денес, а кранови беа распоредени околу остатокот од зградата од страв дека и таа ќе се сруши.

Кесир Кан рече дека неговата сопруга, снаата и нејзината мајка отишле во трговскиот центар во саботата навечер и се меѓу исчезнатите, и ги критикуваше спасувачките екипи дека не дејствувале доволно брзо.

„Можеа да спасат многу луѓе“, додаде тој.

Стотици луѓе се собраа околу зградата додека спасувачките екипи бараа преживеани.

„Бевме оставени на цедило, сведени на нула, 20 години напорна работа, сè исчезна“, рече продавачката Јасмин Бано.

Властите стравуваат дека бројот на жртви ќе се зголеми, а полицијата моментално бара уште 46 лица, соопшти полицијата.

Во соопштението се додава дека досега се идентификувани само шест тела, а за останатите е потребно ДНК тестирање бидејќи „телата биле непрепознатливи“.

Луѓето изразија гнев и незадоволство кога градоначалникот на Карачи, Муртаза Вахаб, го посети местото на несреќата синоќа, 23 часа по избувнувањето на пожарот, а толпата скандираше против владата и протестираше против бавниот одговор на противпожарната служба, објавија локалните медиуми.