Голем пожар во Универзална сала, за среќа нема жртви и повредени, причините непознати

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нешто пред 10 часот изутрина голем пожар ја зафати Универзална сала при што висок чад се издигна над објектот кој можеше да се забележи и од подалечните делови на Скопје. Пожарот кој го зафати и се прошири низ целиот објект при што изгоре сето она што досега беше реконструирано. Со брза интервенција на противпожарните екипи со неколку возила меѓу кои и возилото со кран беше локализиран пожарот, но штетата е огромна. За среќа нема повредени ниту жртви освен две жени кои вдишале чад и поради тоа беа пренесени на Токсиколошката клиника. Командирот на скопската противпожарна бригада Звонко Томески рече дека се уште е рано да се утврдат причините за пожарот.

„Вкупно интервениравме со 9 противпожарни возила со 24 пожарникари. За релативни кратко време благодарение на пожртвуваноста на колегите пожарот беше ставен под контрола иако имаше висока температура во самиот објект. Настана колапс на кровната конструкција, се уште се работи на догасување, имаме висока температура се уште во објектот не може да се пристапи до сите места. Она што е битно за нас интервенцијата е успешна од аспект на брзина на интервенирање и тоа што нема повредени пожарникари и граѓаните.“, рече Томески.

Според Лазар Арсовски, сопственик на градежната фирма „Универзал Балкан“ вклучена во реконструкцијата на Универзална рече дека е среќа што денеска не беа работниците во објектот освен обезбедувањето. Според негова претпоставка јпричина е дотраената електрична инсталација.

„Претпоставуваме дека е, дали стар кабел не можеме да знаеме точно или некоја стара инсталација. Тргнал димот, никој немало во салата моите мајстори пробале со противпожарникарен апарат да го изгаснат, тоа се иверици, стари со години суви и брзо горат. Како што гледате за пола саат таа самата скоро се изгаси, поради тоа што нема што да гори во неа. Да се надеваме дека новата конструкција нема проблеми.“, изјави Арсовски.

Министерката Бисера Костадинова Стојчевска вели дека откако ќе заврши истрагата околу причините за пожарот, реконструкцијата на Универзална ќе продолжи.

„Апелирам за брзо расчистување за тоа кои се причините за пожарот што се случил . Направена е материјална штета која што најбрзо ќе се утврди колкава е таа штета пред да се продолжи со градба. Морам да потенцирам дека објектот е осигуран, што значи дека од осигурувањето ќе се санира штетата што е направена и потоа ќе се продолжи со градба.“, кажа Бисера Костадинова-Стојчевска.

Универзална сала која по цели 9 години беше затворена и пропаѓаше, по неколку пати преговарања започна со реконструкција пред месец и половина. Претходно Град Скопје под чија надлежност беше Универзална се откажа од нејзината реконструкција откако градоначалничката Данела Арсовска ја стопираше реконструкцијата. По ова работите ги презеде Министерството за култура со што се продолжи со реконструкцијата.