И големите компании ја чувствуваат енергетската криза и бараат помош од Владата. Некои од нив го прекинаа производството, а имаат и покачени сметки за струја од 4 до 6% повеќе од почетокот на енергетската криза.
Вака изјави првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески, на средбата со 10 најголеми компании во земјава со министерот за економија, Крешник Бектеши. Беше одлучено до вторник компаниите да ги формулираат своите барања со цел да ги зачуваат работните места и да можат да функционираат.
Пред неколку недели Владата постигна договор со Бугарија за помош со електрична енергија со цел да и се помогне на економијата и компаниите од земјава. Министерот Бектеши рече дека утре работните групи ќе отпатуваат во Бугарија да се договорат околу цената и потребното количество струја.
До крајот на месецов, Владата ќе извести што ќе содржи пакетот за помош на компаниите, а предност ќе имаат бизнисите кои произведуваат и извезуваат.
