Големите проекти се подготвени – Владата вели имаме градежници, но фирмите се малку пореални

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Брза пруга, нови делници, патишата кои ги ради Бехтел – Енка. Државата има милијарди евра инвестиции на хартија, но дали има доволно градежници кои ќе ги реалзиараат на терен. Токму ова прашање: има ли кој да ги изгради, беше тема на вчерашната средба меѓу Градежната комора и владата. Од власта, задоволни од слушнатото.

„Спремни се да работат. До сега во градежните компании има 47.000 вработени лица. Тоа се податоци кои тие ги дадоа, не ние како влада. Си имале направено консултации пред да ја имаме средбата, и повторно можам да кажам дека се спремни“, изјави Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии.

Министерката вели дека не било спомнато дека ќе треба да се увезува работна сила за да може фирмите да градат. Но, се јавил и друг проблем. Македонија нема ниту стручен кадар во делот на градежништвото. За проектирање на тунели, има само еден инженер.

„Верувам дека веќе Македонија и онака, а и на светско ниво, државите стануваат претесни за поголеми експерти, движат меѓународно, верувам дека ќе најдат доколку ги немаат, но вчера не се коментираше нешто такво“, изјави Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии.

И покрај ова, Владата очекува забрзана реализација на капиталните расходи и ќе одржува квартални состаноци со комората. Планот е блиска координација за да се спречат доцнења на терен и администрацијата да реагира кога има блокади.