Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа го запиша својот прв настап во главната фаза на еден Гренд Слем турнир, откако денеска излезе на терените на Вимблдон – неофицијалното светско првенство во тенис.
Ѓорческа во првото коло се соочи со фаворизираната Американка Аманда Анисимова, но не успеа да направи изненадување и загуби со 2:0 во сетови (6:3, 6:2).
И покрај поразот, македонската тенисерка остави силен впечаток со историскиот настап на најпрестижниот тениски турнир. По мечот, таа истакна дека поддршката од Македонија ѝ значела многу и дека настапот на големата сцена ќе остане посебен момент во нејзината кариера.
„Дури и ако не сакам да слушам пред мечот, тоа е насекаде. Во моментов нема многу работи што се случуваат дома, па ова беше навистина голема работа за сите нив. Добив многу пораки за поддршка што ми значат сè на светот“, изјави Ѓорческа за официјалниот сајт на Вимблдон.
Таа додаде дека играњето пред голема публика на еден од најголемите терени во светот било неверојатно искуство.
„Тоа е еден од најдобрите – ако не и најдобриот – турнири, па затоа е навистина доживотно искуство. Исто така, да се игра против Аманда, финалистка и неверојатна тенисерка, тоа е навистина остварување на сон“, рече македонската тенисерка.
Со пласманот во првото коло како тенисерка која ги мина квалификациите, Ѓорческа ќе освои 40 ВТА поени. По завршувањето на Вимблдон се очекува значителен напредок на нејзиниот пласман и скок кон околу 200. место на светската ранг-листа.
За македонскиот тенис, настапот на Ѓорческа на Вимблдон претставува историски момент и голема потврда дека земјата има свој претставник меѓу најдобрите светски тенисери.
