Ѓорѓиевски: 100 нови градски автобуси за Скопје, нов почеток за јавниот превоз

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска ја информираше јавноста за значајна одлука која носи суштинска промена во секојдневието на скопјани. 

Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси.

Кај мене дадениот збор е обврска, а не формалност пред избори. 

Ова е вест што значи нов почеток за нашиот град и за илјадници граѓани кои секојдневно го користат јавниот превоз, истакна Ѓорѓиевски.

Како што беше посочено и од премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи, што ќе овозможи побезбеден, понавремен и подостоинствен јавен превоз, но и значително подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на животната средина.

Набавката на автобусите е дел од стратешкиот договор влада со влада меѓу Република Македонија и Унгарија, кој овозможува реализација по исклучително поволни услови.

Проблемот со јавниот превоз, кој со години ги засега граѓаните, наскоро заминува во историјата. Свесен за тежината на состојбата во која го наследивме градот, ја прифатив оваа одговорност за да ги решаваме проблемите суштински и одлучно, нагласи градоначалникот.

Ѓорѓиевски потсети дека за неполни три месеци од преземањето на функцијата се отпочнати процеси кои со години биле закочени, дека до крајот на годината пристигнуваат нови возила за Комунална хигиена, а паралелно започнува и постапката за набавка на новите автобуси.

Пред нас се тектонски промени на подобро. Скопје повторно ќе стане град со кој се гордееме, град со достоинство, ред и визија, порача Ѓорѓиевски.

Тој упати благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за безрезервната поддршка и посветеноста кон граѓаните, истакнувајќи дека во услови на тежок колапс во кој беше наследено Скопје, таа поддршка е клучна за реализација на крупните промени.

Повеќе нема да се прашуваме дали можеме подобро. Тоа подобро, заедно ќе го живееме, порача градоначалникот.