Ѓорѓиевски: Исплатена финансиската помош за онколошките пациенти кои ги исполниле условите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Финансиската поддршка за онколошките пациенти кои ги исполнуваат условите е исплатена, информираше градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. На јавниот повик досега се пријавиле повеќе од 1.200 пациенти, а повикот и натаму останува отворен.

Ѓорѓиевски преку објава на Фејсбук посочи дека секоја апликација била разгледана со особено внимание, додека исплатите за сите кои ги исполнуваат условите се реализираат денес или ќе бидат завршени во текот на наредниот ден.

„Заедно кога е најпотребно – сите онколошки пациенти кои побараа помош, се исплатени“, порача скопскиот градоначалник.

Тој нагласи дека финансиската поддршка е обезбедена со цел да им се помогне на сограѓаните кои се соочуваат со една од најтешките животни битки.

„Зад секоја бројка стои човек. Стои семејство. Стојат непроспиени ноќи, страв, надеж и огромна борба. И токму затоа ова е порака дека никој не е сам“, наведува Ѓорѓиевски.

Според него, болеста може да го направи патот потежок, но не смее да ја одземе надежта, а институциите имаат обврска да бидат покрај граѓаните не само преку зборови, туку и со конкретна помош и поддршка.

Јавниот повик за финансиска поддршка сè уште е активен, што значи дека онколошките пациенти кои ги исполнуваат условите можат дополнително да аплицираат.

„Во најтешките мигови, најважно е човек да знае дека не е сам. Заедно сме посилни. Заедно ја чуваме надежта. Заедно, кога е најпотребно“, порача Ѓорѓиевски.