Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека по силното невреме кое денеска го зафати главниот град, Кризниот штаб на Град Скопје, заедно со службите и јавните претпријатија, е целосно мобилизиран и подготвен за брза интервенција на терен.
Според Ѓорѓиевски, екипите ќе реагираат веднаш доколку се појават штети, поплави или каква било потреба од итна интервенција, а сите расположливи капацитети се ставени во функција со цел навремена заштита на граѓаните и спречување на поголеми последици.
„Во постојана координација сме со Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и сите надлежни институции“, соопшти градоначалникот.
Тој најави дека екипите на Град Скопје ќе останат на терен во текот на целата ноќ и ќе интервенираат на сите локации каде што ќе биде потребно.
„Не можеме да го запреме невремето, но можеме организирано, одговорно и заеднички да спречиме поголеми штети“, истакна Ѓорѓиевски.
Воедно, градоначалникот упати апел до граѓаните да бидат внимателни, да останат смирени и да соработуваат со надлежните служби, нагласувајќи дека сите служби се на терен и активно ја следат состојбата.
