Ѓорѓиевски: Младите заслужуваат свој дом – ослободување од комуналии за млади брачни парови до 40 години

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави посебна мерка за полесен почеток и поддршка на младите семејства во Скопје. Со оваа мерка, младите брачни парови до 40 години и самохраните родители што сакаат да изградат свој дом ќе бидат ослободени од делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Град Скопје – односно 60% од вкупните комуналии, за објекти во рамките на Генералниот урбанистички план на градот.

– Сопствениот дом е темел врз кој се гради едно семејство. Место каде што почнуваат заедничките планови, каде што растат децата и каде што иднината добива своја адреса. Затоа, младите што сакаат да го изградат својот дом заслужуваат силна и конкретна поддршка од Град Скопје. Успешната практика што ја воспоставивме во Кисела Вода, првпат во историјата на државата, сега ја пренесуваме и во Град Скопје. Она што го ветив во мојата програма го претвораме во реална помош за семејствата – изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека доколку сите скопски општини се приклучат со ослободување и од својот дел, оваа поддршка ќе достигне 100% ослободување од комуналии.

– Ги повикувам сите мои колеги градоначалници да застанеме заедно зад оваа цел и да им го олесниме патот до сопствен дом на што повеќе семејства. Имаме можност да оставиме нешто вредно зад себе – повеќе семејства со сопствен покрив над главата и со поголема сигурност за утрешниот ден. Помал финансиски товар при изградбата значи повеќе средства за уредување на домот, за потребите на децата и за посигурен почеток на заедничкиот живот. Како што ветив, младите ќе имаат подадена рака од мене и од Град Скопје. Ќе ја имаат поддршката што им е потребна токму кога ги прават најважните животни чекори. Сакам младите тука да го градат својот дом, тука да ги растат своите деца и тука да ја гледаат својата иднина. Наша обврска е да создадеме услови за тоа. За Скопје во кое младите имаат иднина – рече Ѓорѓиевски

Градоначалникот Ѓорѓиевски нагласи дека оваа мерка е директна инвестиција во младите, во сигурноста на семејствата и во иднината на Скопје.

Мерката ќе стапи во сила веднаш по објавувањето во службените гласила, а барањето за аплицирање ќе биде достапно на веб-страницата на Град Скопје.