Ѓорѓиевски на одбележувањето на скопскиот земјотрес: Најголема почит кон оние што ги загубивме е да создадеме град достоен за нивниот спомен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По повод 63-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска положи цвеќе пред Споменикот на жртвите, оддавајќи им почит на сите кои ги загубија животите во трагедијата од 26 јули 1963 година.

По тој повод, Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук истакна дека и по повеќе од шест децении Скопје продолжува да се сеќава на жртвите од земјотресот, кој на 26 јули 1963 година, во 05:17 часот, однесе повеќе од илјада човечки животи и зад себе остави урнати домови и разделени семејства.

„За само неколку секунди беа згаснати повеќе од илјада човечки животи, разурнати домови и разделени семејства. Зад секоја бројка остана нечие дете, родител, сопруг, пријател, нечиј цел свет. Денес, со длабока почит, се поклонуваме пред споменот на жртвите.“, напиша тој.

Во својата објава, Ѓорѓиевски потсети дека по катастрофата светот му подаде рака на Скопје и помогна во неговата обнова, претворајќи го градот во симбол на хуманоста и меѓународната солидарност.

„Денес, наша должност е да продолжиме таму каде што застанаа генерациите пред нас – да го чуваме, унапредуваме и градиме со визија, одговорност и љубов кон секој негов дел. Да создадеме современо, безбедно и достоинствено Скопје, град што ќе го почитува своето минато, но храбро ќе ја гради својата иднина. Затоа што најголемата почит кон оние што ги загубивме е да создадеме град достоен за нивниот спомен и за генерациите што доаѓаат. “, порача градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.