Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски објави дека службените обврски ги извршува со сопствено возило, а трошоците за гориво и патувања ги покрива лично, нагласувајќи дека градската власт треба домаќински да располага со парите на граѓаните.
Во објава на социјалните мрежи, Ѓорѓиевски порача дека функцијата „прв човек на градот“ не е привилегија, туку голема одговорност кон граѓаните.
„Да се биде прв човек на градот е чест, но уште поголема одговорност. Одговорност пред граѓаните, пред мојот народ, пред секој човек кој ја дал својата доверба со надеж дека конечно ќе види работа, ред и резултати“, напиша тој.
Ѓорѓиевски истакна дека не дошол на функцијата за „да живее на грбот на граѓаните“, туку, како што наведува, граѓаните да почувствуваат конкретен бенефит од работата на градската администрација.
„Возам сопствено возило, горивото го плаќам од мојата плата, репрезентацијата ја пренаменивме за капитални проекти, а службените патувања си ги покривам сам“, објави градоначалникот.
Според него, секој денар од буџетот треба да се врати кај граѓаните преку инфраструктурни проекти, подобри услуги и развој на градот.
„Секој денар од буџетот мора да се врати назад кај граѓаните во нови улици, булевари, мостови, чист град и проекти кои го менуваат Скопје“, наведува Ѓорѓиевски.
Тој тврди дека за шест месеци градската администрација успеала да го стабилизира градот и да ја врати довербата кај граѓаните.
„Градот кој беше оставен во огромна дупка го исправивме на нозе. Го вративме редот, ја вративме работата и надежта дека Скопје може поинаку“, порача Ѓорѓиевски.
Во објавата тој најави продолжување на капиталните проекти и оцени дека актуелната градска власт се разликува од претходната по чесноста, транспарентноста и домаќинското работење.
