Ѓорѓиевски за загубата на ЈП: Има превработеност, со тие средства би се затвориле долгови, имаме најниски цени на вода и ѓубре

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека превработеноста, високите трошоци за електрична енергија и застарената механизација се главните причини за финансиските проблеми во јавните претпријатија.

Во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Ѓорѓиевски рече дека е потребен системски пристап за стабилизација на состојбата и намалување на долговите.

„Има неколку компоненти кои влијаат во целиот процес. Од една страна е превработеноста и треба да признаеме дека е така“, изјави Ѓорѓиевски.

Како пример го посочи ЈП „Комунална хигиена“, каде, според него, месечните трошоци за плати биле намалени од над 90 милиони денари на околу еден милион евра месечно.

„Сметам дека сè уште треба да има редуцирање, особено во администрацијата. Тоа се околу 500 илјади евра месечно или шест милиони евра годишно. Со тие средства би се затвориле дел од долговите од минатото кои некој друг ги акумулирал“, рече тој.

Ѓорѓиевски додаде дека на седница на ЗЕЛС разговарал со градоначалници за состојбата во јавните претпријатија и потребата од намалување на трошоците.

Тој посочи дека голем проблем претставуваат и високите сметки за струја, особено кај водоводните претпријатија, поради што, како што рече, треба да се инвестира во фотоволтаични системи.

„Треба да одиме кон модернизација. Старите возила треба да се заменат со нови, што ќе значи помали трошоци за одржување и гориво“, изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот оцени дека јавните услуги во Скопје се меѓу најевтините во регионот.

„Имаме најниски сметки за ѓубретарина и најниски сметки за вода во целиот регион. Ако направиме споредба со општините во соседството, ќе се уверите во тоа“, рече тој.

Ѓорѓиевски додаде дека граѓаните мора редовно да ги подмируваат своите обврски кон јавните претпријатија и Градот.