Цела источна Македонија е зафатена од пожари, а сè уште активни се околу 14, неколку се ставени под контрола, а 27 се изгаснати. Најкритично и натаму е во светиниколско каде се гаси со ер-трактори и армиски хеликоптер. Таму уште вчера попладне огнената стихија стигна и до селото Немањица, каде жителите се евакуираа.
Ветрот што дува, дополнително ја отежнува состојбата бидејќи не само што се повеќе го разгорува огнот туку и многу брзо го раширува. Ангелов ги повика жителите на селата да прават безбедносни појаси.
„Апелирам до сите сопственици на куќи и викендици во планински села или во напуштени села да направат мек појас противпожарен појас околу своите викендици, околу своите куќи. Истовремено ги повикувам сите жители на селата кои што можат да бидат зафатени од пожари да направат противпожарни појаси околу селата и тоа појаси широки по десетина па и дваесет метри ораници направени со големи трактори, некаде да се исчисти со булдожер. На тој начин превентивно ќе бидат заштитени сите села.“, рече Ангелов.
Вчера се случи и првата жртва откако жител на кумановското село Кокошиње се задуши од чад во пожарот што го зафати селото, а во светиниколското село Малино пак веќе изгореа дваесетина куќи. Ангелов апелираше и да се престане со палење на стрништата.
„Апелирам до сите земјоделци да престанат со палење на стрништа. Палењето на стрништа треба да го гледаат како обид за убиство, затоа што пожарот од тоа стрниште може да навлезе во блиската трева, оттаму во блиската шума, во блиското село и да убие некој човек. Но вчера детектиравме и појава на пожари од искрење на електрични жици. Ние ќе поднесеме повторно барање до ЕВН да изврши контрола на затегнатоста на жици иако вакво барање поднесовме повеќе од еден и пол месец“, изјави Ангелов.
Граѓаните доколку забележат сомнително однесување на некое лице на отворено или во шума веднаш да го пријават на телефонскиот број на ЦУК 112, бидејќи како што вели неколку пожари се намерно подметнати. МВР ќе истражува и како вчера дошло до тоа вчера наеднаш да се случат неколку пожари кои избија од 11 часот претпладне до 14 часот попладне.
