Без соодветни канцеларии, инфраструктурни услови и соодветен превоз, 170 слепи лица и лица со оштетен вид во Кичево се соочуваат со тешкотии во реализирањето на своите активности. Здружението на слепи лица во овој град функционира веќе 36 години, но речиси две децении активностите ги спроведува во барака која не ги исполнува ниту минималните услови. Од 2019 година, на здружението му е обезбедена мала привремена канцеларија, која сепак не ги задоволува потребите за вршење на дејноста, вели претседателот Зендел Зилбеари.
„Конкретно, од 2019 година немаме каде да се собираме ние како здружение. Немаме простор за сместување и одржување активности, како што е играњето шах за нас, слепите лица. Исто така, немаме пристап на улиците за слепите лица. Исто така, немаме финансиска поддршка“, изјави Зендел Зилбеари, претседател на Здружението на слепи лица – Кичево.
Зејно Бајрами вели дека состојбата на слепите лица во Кичево останува иста со години, а и социјалната помош што ја добиваат е смешна. Слепо лице од државата добива 10 илјади денари месечно, сума која во денешно време не е доволна ниту за покривање на сметките за струја и вода.
„Најпрво треба да ни овозможат паркинг-места пред институциите. Одиме таму и немаме каде да се паркираме, ниту има кој да нѝ помогне. Тоа е најитно“, изјави Зејно Бајрами, член на Здружението на слепи лица Кичево.
Зејно има порака до политичарите:
„Да ги отворат очите, бидејќи нашите се затворени, но тие нека си ги отворат“, вели Зејно Бајрами, член на Здружението на слепи лица Кичево.
Ова здружение традиционално го одбележува Денот на белиот стап, кој е симбол на слепите лица и лицата со оштетен вид во земјава. Во Македонија, повеќе од 2.500 слепи лица и лица со слаб вид се членови на Националниот сојуз на слепи лица. Сојузот функционира преку 18 локални здруженија.
