Исечен бил кабелот на камерата која од спротива снима директно во влезот од каде беше грабната 14 годишна Вања Ѓорчевска. Ова пред судот денеска го истакна Музафер Каришиќ кој тогаш бил помошник началник на СВР Скопје, во делот за криминалистички работи.
„Ми се јави Александар бараше средба со мене, итно да се видиме. Дојде со некој кој се претстави како Гоце. Гоце повеќе зборуваше отколку Александар. Таткото пак тезата ја водеше кон мафијашки групи, криминали, дека бараат пари, и дека е убиена. Кога прашав кој е Гоце? Ми рече дека е пријател, старо кумство. Се интересираше што имаме ние како МВР, тогаш не ми дадоа никаква информација“, вели Музафер Каришиќ.
Додека хронолошки ги раскажуваше постапките кои биле преземени, рече дека таткото повторувал дека полицијата залудно бара, бидејќи ќерка му е киднапирана и убиена и оти треба да се бараат мафијаши што бараат откуп, неговото однесување го нарече конфузно.
„Видовме и слушнавме дека тој лично и неговите служби немаат преземено ама апсолутно ништо во корелација со она што го налага процесот на криминалистичка профилација. Напротив тој чекал и стапил во контакт со Александар и Гоце примал од нив видео записи од самиот Гоце побарал да му обезбеди видео запис и сето тоа него го навело да извлече заклучок дека само Александар му е сомнителен поради неговото чудно однесување“, вели Владимир Туфегџиќ.
Обвинетиот Влатко Кекишев прв проговорил.
„Бараше да бидеме сами. Имаше доверба во мене, се плашеше од другите. Тогаш рече дека се плаши од другите колеги, рече „ако дознае Палчо ќе ме убие“.“, вели Музафер Каришиќ.
Ги однел полицајците прво до запаленото возило, за кое полицијата веќе знаела, а потоа по долго мислење и предомислување ги однел и до местото каде било закопано делото на Вања Ѓорчевска.
„Тогаш со глава посочи, не сакаше ниту со рака да покаже. Видовме перници, и тогаш морав да ги информирам колегите тоа беше страшна глетка. Во тие моменти инсистиравме да каже, кажа дека стоел подалеку, но рече дека мисли дека е тука. Ме фати за рака и ми рече дека тука е девојчето кое е грабнато. Почнавме да копаме, се виде носот, веѓата и дел до ногата…тогаш престанавме“, вели Музафер Каришиќ.
Кекишев во тие моменти открил дека убиецот е Палчо и започнал себе си да се нарекува дека е лош човек, распрашувајќи се колку години затвор ќе лежи за ова дело. Сведокот уште посочи дека не успеале да обезбедат докази од комуникација, бидејќи биле користени радио врски.
