Град Скопје ќе дава бесплатни униформи за сите ученици во прва година во средните училишта

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави нова мерка во образованието, според која сите ученици што ќе се запишат во прва година во средните училишта ќе добијат бесплатни училишни униформи.

Според Ѓорѓиевски, целта на мерката е да се намалат социјалните разлики меѓу учениците, да се олесни финансискиот товар за семејствата и да се создаде еднаква и попријатна училишна средина.

„Училиштето треба да биде место каде што младите ќе се натпреваруваат во знаење, труд и успех, а не во тоа кој носи поскапа облека и чии родители имаат поголема финансиска моќ“, истакна градоначалникот.

Тој посочи дека социјалните разлики често се причина за поделби, дискриминација и булинг, поради што воведувањето униформи ќе придонесе за поголема еднаквост и инклузивност во училиштата.

„За првпат, секој ученик запишан во прва година во средните училишта ќе добие бесплатна училишна униформа. Со оваа мерка го намалуваме финансискиот товар на семејствата и им овозможуваме на учениците целосно да се посветат на образованието, личниот развој и градењето на својата иднина“, нагласи Ѓорѓиевски.

Според него, униформите ќе помогнат и во воспоставување еднаков и достоинствен кодекс на облекување, практика која веќе подолго време се применува во голем број современи образовни системи.

Градоначалникот порача дека ова е дел од поширок пакет мерки насочени кон подобрување на условите во образованието и создавање училишна средина во која секое дете ќе се чувствува прифатено, почитувано и еднакво, без оглед на економската состојба на неговото семејство.

„Вредноста на еден ученик не се мери според облеката што ја носи, туку според знаењето, карактерот и соништата што ги гради“, порача Ѓорѓиевски.