Со воведни зборови на одбраната денеска во Идризово продолжи судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Седмообвинетиот Огњан Георгиев, поранешен градежен инспектор, побара дополнително да се обрати пред судот, појаснувајќи дека никогаш немал надлежност ниту наредба за инспекциски надзор на објектот.
Георгиев истакна дека во својата 28-годишна кариера работел чесно и без прекршувања и дека веќе повеќе од четири години е во пензија.
Тој категорично одби каква било поврзаност со трагедијата, нагласувајќи дека градежната инспекција може да затвори градилиште, но не и стопански објект и дека не постоела „пренамена“, туку само промена на дејност за која инспекцијата нема ингеренции.
Тој ги оцени обвиненијата за соизвршителство и умисла како неосновани и побара обвинителството да го преиспита случајот, додавајќи дека и тој „бара правда, исто како и сите други“.
