„Се наоѓаме на булеварот „Видое Смилевски Бато’“. Од општина Тетово, ветија дека градежните активности ќе продолжат на 13 јуни, но сепак тоа не се случи. Почетокот на градежните работи беше свечено означен во февруари годинава, но работите беа стопирани поради пандемијата“, истакна репортерот на ТВ21.
На 11 јуни од општина Тетово го добивме овој одговор, односно ветување дека градежните активности ќе продолжат на 13 јуни.
„Во однос на градежните активности на индустрискиот булевар во Тетово, ве известуваме дека поради рестрикциите како последица од пандемијата Ковид-19, беа привремено стопирани, но истите ќе продолжат в сабота на 13.06.2020. Компанијата задолжена за градежните активности нѐ увери дека нема да има доцнење и дека активностите ќе бидат завршени во предвидениот рок од договорот, односно до јануари 2021 година“, велат од општина Тетово.
ТВ21 најави дека за овој булевар ќе треба да биде изготвен нов проект, бидејќи не е предвиден влез во Станицата за технички преглед, но тогаш ова го негираа од општината. Денеска се обидовме да контактираме со општинските власти, но без успех. На 13 февруари годинава, градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи заедно со заменик-министерката за финансии Ширет Елези, го означија почетокот на градежните активности на булеварот „Видое Смилевски-Бато“. Проектот датира од 2016 година, а беше свечено промовиран еден месец пред изборите кои требаше да се одржат на 12 април.
