Градинката „Рилиндја“ во Тетово сѐ уште со затворени врати – нема вработени, се чека одобрување за 28 вработувања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако беше најавено дека новата градинка „Рилиндја“ во Тетово ќе се отвори на почетокот на септември, тоа не се случи. Причината е недостигот на кадар, со што се чека одобрување за 28 вработувања за воспитувачи и негувателки.

„Поради вработувањата не може да се отвори градинката. Треба да се земат од другите градинки и поради тоа беше суспендирано отворањето. Со добивање на одобрение за новиот објект, веднаш ќе се отвори. Моментално градинката брои над 1300 деца, е во фаза на адаптација и за тоа кон крајот на септември ќе ја објавиме точната бројка. А во листата за чекање се 130 деца. Врз основа на систематизацијата предвидовме 31 вработувања, но врз основа на Буџетот имаме 28 вработувања и верувам дека ќе реализираме уште три вработувања по отворањето на објектот“, вели Фатлинда Јахја.

Најголем проблем според директорката е нефункционирањето на Комисијата за издавање лиценци за воспитувачи во Тетово. На републичко ниво, над 3 илјади воспитувачи чекаат да земаат лиценца.

„Главен проблем е и лиценцирањето. Скоро 9 месеци не е во функција и новите генерации за да се вработат во градинките чекаат повеќе од 2 години за да земаат лиценца. Тоа се случуваше и порано поради тоа што документите ги имаат за шест месеци и во рок од шест месеци мора да бидат повикани, но не беа повикани и имаме многу такви“, порача Фатлинда Јахја.

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, во телефонски разговор рече дека од првиот ден се залагал за формирање на овие комисии, но се чека на измените на Законот за труд и социјална политика.

„Од првиот ден почнавме со создавање на Комисиите и разрешување на поранешните Комисии и создавање на нови. Во овој случај треба да има дополнувања, пред подготовка, изготвување на нов закон во врска со издавањето на концесиите или разните лиценци за да земаат лиценци воспитувачите, негувателите. Другите директори вршат дејност во рамките на институциите кои се заинтересирани. Значи дека се во последна фаза на формулација на подготовката на предлог закон за ова, кој ќе помине на владина седница, потоа во Собрание и со ова се завршува оваа постапка“, вели Фатмир Лимани.

Според Лимани, оваа комисија не функционирала намерно, со цел градинките да имаат образложение во текот на времето кога Трудовиот инспекторат вршел контроли за лиценците.

Инаку и објектот на новата градинка во Чаир е готов, но и таа градинка се уште не е отворена.