Не смее да дојде до потпишување на дозволата за градба, и доколку инвеститорите за изградбата спроти ГТЦ ги платиле комуналиите, рече синоќа во Клик Плус, советничката во општина Центар, Јана Белчева – Андреевска, истакнувајќи дека времето е веќе кратко, само две недели.
Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, тврди дека враќањето на парите не е спорно и дека не е доцна да се интервенира. Општината постапила со мораториум за неспроведување на планот, но со укинувањето од страна на Уставен суд, одземена ни е моќта, вели Богдановиќ, додавајќи дека решение сега може да се чека од Министерството за транспорт и врски.
Богдановиќ рече дека е намалена големината на градбата за разлика од претходниот план, но додека се чека некаква механизација за да интервенира, граѓаните, односно жителите кои живеат во близина на местото каде е предвидено да се гради, покренаа петиција која ќе ја испратат до Претседателот, Премиерот, Министерот за транспорт и врски, Градоначалникот на Скопје и на општина Центар.
Побаравме став и од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, но до ова информативно издание на вестите не добивме одговор дали од Центар го прифатиле елаборатот за суспендирање на планот и дали ќе преземат нешто за предвидената градба спроти Холидеј Ин.
