Градоначалникот на Куманово позитивен – Спасовски, Османи, Филипче и Адеми во самоизолација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски е позитивен на Ковид-19. Тој самиот го соопшти ова преку неговиот Фејсбук профил. Сега ги добив резултатите од лицата позитивни на коронавирус  кои се вкупно 40, а меѓу нив сум и јас, напиша Димитриевски.

„Ве охрабрувам заедно и дисциплинирано да продолжиме во борбата против оваа заедничко зло, знам дека ќе го победиме, убеден сум во тоа, ве молам за воздржаност, нема простор за паника, барам од вас дисциплина, почитување на мерките и препораките за социјална дистанца. Ве молам, од душа и срце ВЕ МОЛАМ, почитувајте ги мерките, избегнувајте ги блиските контакти, здравјето ни е најбитно, така ќе победиме сите“, вели Максим Димитриевски.

Вицепремиерот Бујар Османи вчера имаше средба со градоначалникот на Куманово, изјави дека нема да присуствува на средбата на Советот за безбедност која беше закажана во Вила Водно.

„По потврдениот позитивен резултат на Ковид-19 на градоначалникот на Куманово, а со оглед на тоа дека вчера имавме средба во Општинскиот штаб во Куманово, независно што за време а средбата бев со заштитна опрема, маска и ракавици што епидемиолозите го оценуваат како доволно за заштита, одлучив денеска да не одам на состанокот на Советот за безбедност кај претседателот и во самоизолација до вторник кога треба да се направи тестирање според протоколите“, посочи Бујар Османи.

На вчерашната средба беше и премиерот Оливер Спасовски, заедно со министерот за образование Арбр Адеми. Адеми вели дека ќе се изолира дома и ќе ги почитува сите препораки од здравствените власти.

„Секако дека веднаш се консултирав со здравствените власти по ова интервју, веднаш ќе одиме дома и ќе ги следиме сите протоколи кои се усвоени од здравствените власти. Од МЗ ќе ги следиме сите препораки и нашата работа продолжува од дома“, посочи Арбер Адеми.

На средбата беше и министерот за здравство Венко Филипче кој по средбата во Куманово се сретна со амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнс. Како неговите колеги, така и Филипче ќе биде во самоизолација.