Градоначалниците не го пријавуваат имотот во ДКСК – Чучуљ: Ги повикуваме граѓаните да доставуваат пријави за корупција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Општинските татковци не ја исполнуваат законската обврска за пријавување на имотната состојба во Антикорупциска комисија. Ова во емисијата Клик плус на ТВ21 го истакна првиот антикорупционер Адем Чучуљ. Тој изјави дека веќе се покренати прекршочни пријави, а најави и засилена контрола кај сите функционери.

-Јас кога станав претседател веднаш направивме проверка, констатиравме дека 35 поранешни и 19 нови градоначалници не поднеле изјави. За сите тие изрековме соодветни прекршочни платни налози. Дополнително сега се во фаза на проверка, мислам дека деновиве ќе излеземе со бројка на советници на општини коишто не ја исполниле законската обврска. Исто така, ги проверувавме и судиите и обвинителите, изјави Адем Чучуљ, претседател на ДКСК.

Чучуљ најави дека институцијата подготвува селекција на десет најризични случаи за понатамошна анализа врз основа на проценка на ризици од корупција. Рече дека под лупа се ставени податоците за приходите и имотната состојба на функционери и членови на нивните семејства.

-Ние за да покажеме проактивност овој пат се одлучивме да одиме на највисоките државни функционери за кој во јавноста најмногу би се побудило интерес за проверка на нивниот имотен статус. Имаме софтверско решение коешто идеално беше замислено да детектира ризични лица односно лица коишто имаат најголеми разлики во зголемување на имотот и приходите кои ги имаат членовите на нивните семејства, изјави Адем Чучуљ, претседател на ДКСК.

Првиот антикорупционер ги повика граѓаните да пријавуваат корупција и порача дека Антикорупциска комисија останува отворена за директни пријави од нив. Толеранцијата на ситната корупција создава амбиент во кој незаконски практики стануваат нормалност кое не смее да се дозволи, истакна Чучуљ.