Градот ги уништи лозјата во Никуштак: Лозарите се надеваат на оштета од Владата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Вака изгледаат лозјата во Никуштак, Липково по градот од пред неколку дена.

Не се оштетени само лозјата туку и другите насади, како житарките и лубениците.

Земјоделецот Вулнет Исмаили вели дека не само оваа година туку и следната ќе се чувствуваат последиците во насадите.

-За оваа година завршивме со грозјето, ние зависиме само од оваа земјоделска култура, од оваа работа и бидејќи оваа година имаме голема штета, не можеме ништо да добиеме оваа година. До сега имаме препарати, ги прскаме за да ги заштитиме, имаме многу трошоци, а и нафтата се троши многу бидејќи беше многу скапа оваа година, така што секоја помош за нас ќе биде добредојдена, вели Вулнет Исмаили, земјоделец.

Бастри Реџепи, советник во општина Липково и член на комисијата за природни непогоди, за ТВ21 рече дека имало оштетени и автомобили како и приватни бизниси.

-Има и оштетени автомобили, се аплицира и за автомобили, се надеваме да им помогнеме. Има и ресторани кои се оштетени, вели Бастри Реџепи, општински советник, член за природни непогоди.

На терен за утврдување на фактичката состојба беше и градоначалникот на Липково, Еркан Арифи кој се надева дека жителите ќе добијат финансиска помош од владата. Тој исто така истакна дека е оштетено и коритото на реката во Слупчане.

-Се наоѓаме во селото Никуштак, едно од селата кое има големи штети. Се ова што гледаме и ние е неупотребливо така што врз основа на законот и деловникот за работа, заедно со комисиите ќе ја утврдиме и констатираме секоја жалба поднесена од секој жител на нашата општина, Еркан Арифи, градоначалник на Општина Липково.

Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски вчера во Тетово вети дека владата ќе ги обесштети земјоделците на кои им е уништен целиот род од градот.