Градот Скопје продолжува со борбата против комарците: Следуваат нови авионски и теренски третмани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На подрачјето на град Скопје вечерва ќе се спроведе 13-тата дезинсекција против комарци за оваа сезона, која ќе се реализира преку теренски третман, информираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Според издадените налози, активностите продолжуваат со интензивно темпо во наредниот период. Веќе за утре, 21 август, во раните утрински часови е закажана авионска дезинсекција против возрасни форми на комарци, додека во периодот од 23 до 26 август ќе се врши терестичка дезинсекција.

Сите активности се спроведуваат согласно Годишната програма, законските обврски и Елаборатот изготвен од Центарот за јавно здравје – Скопје, одобрен од здравствените власти.

Од почетокот на сезоната во мај, на територијата на главниот град се спроведени низа авионски и теренски третмани, како за сузбивање на ларвите, така и за возрасните форми на комарци. Од градот најавуваат дека до крајот на сезоната планирано е да се извршат повеќе од 20 дезинсекции.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека овие податоци потврдуваат дека мерките се преземаат континуирано и навремено, со цел заштита на колективното здравје и благосостојбата на скопјани.