Дел од преспанските јаболка оваа година ќе се користат само за индустриска преработка поради штетата од градот од пред една недела.
Во селото Лавци уништени се од 200 до 250 хектари со јаболка, а во регионот на Преспа уништени се вкупно 700 хектари. Околу 10 села се погодени од градот. Претседателот на здружението на градинари, Љубе Пампулески вели дека им требаат повеќе авиони за отстранување на маглата, бидејќи климатските промени неколку години по ред ги уништуваат посевите.
Градинарите велат дека се уште не се обесштетени за претрпената штета во 2016, 2017, 2018. Очекуваат средствата да ги добијат оваа година. Освен тоа, оштета бараат и за оваа година, бидејќи велат дека јаболката се многу оштетени и дека никој не им ги откупува во таква состојба, освен за индустриска преработка.
Освен јаболка во село Лавци има и други градинарски култури.
Освен јаболката, оштетени се лешниците и сливите, овде има над 40 хектари засадени со лешници и многу од нив, како што се гледа се оштетени од поројните дождови пред неколку дена.
Жителите од ова село сами го поставиле системот за наводнување, исто и за водата за пиење, но велат дека немаат канализација. Најголем проблем со кој се соочуваат е мостот на влезот на селото кој е многу тесен и небезбеден, затоа камионите кои доаѓаат да ги товарат јаболката не можат да поминат.
