Веднаш по вчерашната голема акција за расчистување на теренот по силното невреме што го погоди главниот град, Град Скопје денеска започна со акција за обновување на уништениот фонд на дрвја. Во Градскиот парк веќе се засадуваат 60 нови висококвалитетни садници од видовите јавор и јасен.
Страшното невреме, проследено со оркански удари на силен ветер, предизвика сериозни штети низ Скопје, а посебно погодено беше срцето на градот – Градскиот парк, каде беа соборени голем број столетни дрвја и беше оштетена дел од урбаната опрема.
Од Град Скопје истакнуваат дека нема да дозволат последиците од природната непогода да останат трајна слика за градот и дека засадувањето на новите 60 садници е само првиот чекор од комплетната ревитализација.
„Новите садници јавор и јасен ќе донесат повеќе сенка, почист воздух и нов живот во зелената структура на паркот. На местото на секое паднато дрво ќе никне нова надеж, а паркот повторно ќе биде уште позелен, поубав и подостоен за скопјани“, се наведува во соопштението од Град Скопје.
Градските власти најавуваат дека во претстојниот период Градскиот парк дополнително ќе се оплеменува со уште повеќе зеленило, нови дрвја и содржини за граѓаните. Додека трае засадувањето во паркот, дежурните екипи на јавните претпријатија паралелно продолжуваат со теренските активности за санирање на преостанатите штети низ сите скопски општини.
